Гвардиола го пофали тренерот на Алиоски: Биелса е неверојатен, еден од најдобрите во светот

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, испрати пофалби за работата на Марсело Биелса во Лидс.

Биелса го предводеше Лидс оваа сезона и воедно го врати во Премиер лигата по подолга пауза, тим за кој настапува и македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски.

Тој заврши исклучителна работа. Тој е единствен во светот на фудбалот заради посебниот начин на кој игра. Научив многу за неговиот стил, за неговиот краен производ. Тој е неверојатен човек, посебен, истакна Гвардиола за „Би-Би-Си“.

Биелса беше тренер на Аргентина и Чиле, а работел и во Атлетик Билбао, Марсеј, Лацио и Лил пред да ги преземе Лидс во 2018 година.

Присуството на Биелса во Премиер лигата следната сезона ќе биде неверојатно за англискиот фудбал. Освојувањето на титулата ви помага да имате работа и следната сезона, но на крајот, она што се сеќавате не се титули што сте ги освоиле, туку спомени и дали тренерот ве научил многу, посочува Каталонецот.