Голем проблем за Борусија Дортмунд – неколку месеци ќе биде без клучниот дефанзивец!

Одбрамбениот фудбалер на Борусија Дортмунд, Никлас Зуле (29), ќе биде надвор од терените во следните неколку месеци поради повреда на скочниот зглоб, објави тренерот Нури Шахин на прес-конференцијата пред натпреварот во Лигата на шампионите против Барселона, закажана за утре на домашен терен.

Тој се врати на терените на 30 ноември, по претходна повреда на истиот зглоб за време на натпреварот против Баерн Минхен. Меѓутоа, на дуелот со Борусија Менхенгладбах (1-1) повторно ја обнови повредата.

„Вестите не се добри, за жал. Ќе паузира неколку месеци. Станува збор за сериозна повреда, истата која веќе ја имаше. Обновувањето на стара повреда е секогаш тежок удар за играчот. Ни беше многу потребен“, изјави Шахин

Борусија Дортмунд, која моментално е на шестото место во Бундеслигата, веќе подолго време се соочува со проблеми поврзани со повреди. Во еден момент, тимот беше без десет играчи.

„Зуле одигра одличен натпревар против Гладбах. Мораме да ја прифатиме дијагнозата,“ додаде Шахин за дефанзивецот кој оваа сезона има одиграно десет натпревари, а вкупно 82 за Дортмунд.

Претходно во својата кариера настапуваше за Баерн Минхен и Хофенхајм. Во Лигата на шампионите, Борусија Дортмунд и Барселона имаат по 12 бодови и се наоѓаат на третото, односно четвртото место на табелата.