Гол и жолт за Македонецот: Џенова на крилјата на Пандев до убедлив старт во Серија А (ВИДЕО)

Фудбалерите на Џенова без поголеми проблеми дојдоа до триумф во денешниот прв меч од новата сезона во Серија А, откако на домашен терен го прегазија Кротоне (4-1), за што меѓу најзаслужните беше и нашиот Горан Пандев.

Македонскиот ветеран го постигна вториот погодок за домаќинот и тоа со луциден лоб-удар уште во 9. минута од мечот, следејќи го примерот на Дестро кој го отвори резултатот три минути претходно. Пандев пред крајот на полувремето доби и жолт картон, а беше заменет во 68. минута.

Стрелци на останатите два погодока за Џенова беа Запакоста во 34. минута и Пјаца, кој влезе на местото на Македонецот, во 75. минута. Претходно денеска, успешен старт имаше и Наполи на Елиф Елмас, кој со 2-0 славеше на гости кај Парма.