Ѓорѓиоски замина од Грција: Тука и Мурињо ништо нема да направи!

Македонскиот тренер Илчо Ѓорѓиоски си замина од второлигашот Каламата, а во разговор за грчките медиуми ги откри проблемите со кои се соочил и притоа го критикуваше раководството на клубот.

Ѓорѓиоски го предводеше грчкиот тим околу три месеци и вели дека никогаш во историјата немал толку лошо искуство.

„По моето доаѓање ми беше кажано дека нема повеќе шанси за успех сезонава и да се фокусирам на изградба на тим за следната сезона. По само месец ипол сè падна во вода. Организацијата е катастрофа, ваков аматеризам немам видено никаде досега. На крајот за отказот дознав од медиумите, никој не ме извести. Доаѓаат пред натпревар и ми кажуваат кого да го пуштам во игра. Тука и Мурињо да дојде нема ништо да направи“, кажа Ѓорѓиоски.