Ѓорѓев потпиша две години со Арау – по четири години пак ќе игра за овој клуб!

Поранешниот македонски репрезентативец Никола Ѓорѓев е нов член на швајцарски Арау, со кој потпиша двегодишен договор и денеска беше промовиран за нов член на овој клуб.

Ѓорѓев, кој беше дел од златната младинска репрезентација од Еуро 2017, па повремено играше во следниот период и за А-репрезентацијата, во Арау доаѓа како слободен играч од Грасхоперс, а изминатава пролет играше за Шафхаузен.

Инаку македонскиот интернационалец веќе еднаш беше член на Арау во сезоната 2017/18 откако дојде на заем од Твенте (Холандија) и одигра 15 меча. За Шафхаузен пролетва даде четири гола и имаше пет асистенции во 16 настапи.

„Среќни сме што го ангажиравме Никола Ѓорѓев, тој е многу опасен офанзивен фудбалер, непредвидлив за секој проитивник и кој може да ја забрза нашата игра. Убеден сум дека ќе даде сѐ од себе за заедно да ги оствариме целите за новата сезона“, рече Сандро Бурки, спортскиот директор на клубот.

Ѓорѓев веднаш им се приклучува на новите соиграчи во подготовките за новата сезона, а утре Арау има контролка со германски Мајнхајм.