Гатузо: Се откажав од двегодишен договор - мојата приказна со Милан не е за пари

Џенаро Гатузо поднесе оставка на позицијата тренер на Милан. Италијанецот имаше договор со клубот до јуни 2021 година, но Гатузо вели дека се откажал од договорот. 

Тој не ги сака парите кои му следуваат од двегодишниот договор и не чекал да биде отпуштен.

„Одлуката да си заминам од клупата на Милан не беше лесна. Но, тоа е одлука која морав да ја донесам. Немаше точен момент кога одлучив да си поднесам оставка, тоа беше анализа на сите 18 месеци како тренер на тим, кој за мене никогаш нема да биде како другите. Со месеци живеев со голема пасија, незаборавни месеци. Мојата одлука е мачна и болна, но добро промислена одлука. Дали се откажувам од двегодишен договор? Да, бидејќи мојата приказна со Милан никогаш нема да биде за пари“, изјави Гатузо.

Поранешниот фудбалер на „росонерите“ седна на клупата во декември 2017 година заменувајќи го Винченцо Монтела. Го предводеше клубот до 6.место во Серија А и финале во Купот на Италија, додека сезонава стигна до 5.место и полуфинале во Купот.