Фудбалер на Реал Мадрид се соочува со пет години затвор поради – детска порнографија!

Талентираниот дефанзивец на Реал Мадрид, Раул Асенсио, сезонава доживува значителна спортска афирмација, но истовремено се соочува со сериозни правни проблеми, откако е вклучен во истрага поврзана со детска порнографија, која се случила пред неколку години, заедно со тројца поранешни соиграчи од резервниот тим на Реал Мадрид.

Феран Руиз, Хуан Родригес и Андрес Гарсија во септември 2023 година беа уапсени во врска со случајот, додека Асенсио беше повикан да сведочи, по што и самиот стана дел од истрагата. Тој е обвинет за ширење на слики и видеа со малолетно лице. Судењето ќе се одржи на Канарските Острови и иако Асенсио не се смета одговорен за снимањето на материјалите, се тврди дека имал пристап до нив и ги споделил со други лица.

Според изворите, фудбалерите вклучени во случајот ги излажале девојките, тврдејќи дека материјалите се избришани. Асенсио побарал да биде исклучен од судењето, но судот го одбил неговото барање. Доколку биде прогласен за виновен, тој ризикува затворска казна до пет години.

И покрај правните проблеми, Асенсио успеа да ја искористи тешката кадровска ситуација во тимот на Карло Анчелоти. Оваа сезона, тој одигра 21 натпревар во сите конкуренции, вклучувајќи го и целиот меч во синоќешната победа над Манчестер Сити.