ФИФПро застана во одбрана на Елмас и наполитанците: Казната е – неоправдана!

Италијански Наполи реши со вкупни 2,5 милиони евра да ги казни своите фудбалери кои се решија да го бојкотираат карантинот, што после серијата лоши резултати го нареди првиот човек на клубот Аурелио Де Лаурентис. Но, за казната реакција дојде и од светското здружение на фудбалери, ФИФПро, кое посочи дека истата е – неоправдана.

Македонскиот бисер Елиф Елмас, кој летово за македонски рекорден трансфер од 16 милиони евра дојде од Фенербахше под Везув ќе треба да издвои 57 илјади евра од примањата, што е половина од месечната плата, додека најжестоко мина Лоренцо Инсиње со преку 330.000 евра казна.

„Казната е неоправдана. Секој вработен, во било која сфера, па и кај професионалните фудбалери, имаат право на приватен живот и тоа треба да се почитува од клубот“, се вели од реакцијата на ФИФПро за казната кон наполитанците. „Кога ќе се види збиениот распоред, фудбалерите на подолг период се надвор од своите домови. Фудбалерите на Наполи не може да бидат подложни на произволни одлуки на разочарано раководство, ако резултатот од мечот бил незадоволен. Техничките работи не се одговорност на директорите или газдите, а ние ја поздравуваме одлуката на Карло Анчелоти и сите фудбалери за нивната обединетост околу ова прашање во тешки моменти“, се потенцира понатаму во соопштението.

ФИФПро најави дека е подготвена да помогне во соработка со АИЦ, италијанското здружение на фудбалери, за да се осигура дека екипата нема да биде подложна на понатамошно злоставување и заплашување.

Во Италија, традиција е екипите да одат во карантин на подолг период (во хотел или во тренинг-центарот), а не само ден или два пред меч и италијанските клубови сето тоа го толкуваат како дел од професионализмот, а не како еден вид на казна за лоши резултати.