Емери е пред отказ: Арсенал веќе преговара со новиот тренер

Арсенал вчера загуби со 2-0 на гостувањето кај Лестер, по што остана осум бодови помалку во однос на четвртото место на табелата во Премиерлигата. 

Резултатите на „топчиите“ се далеку под очекуваното, а и навивачите веќе го губат трпението со менаџерот Унаи Емери, кој очигледно нема капацитет да го води овој тим. Освен што во соблекувалната има сериозна недисциплина, за што класичен пример е однесувањето на сега веќе поранешниот капитен Гранит Џака, кај фудбалерите има голема немотивираност за време на натпреварите.

Челниците на Арсенал веќе бараат нов менаџер, а медиумите шпекулираат дека тоа ќе биде Луис Енрике. Наводно, премиерлигашот веќе ги остварил првичните контакти со Шпанецот, кој е подготвен да се врати на работа по семејната трагедија, што го погоди пред неколку месеци.

Енрике принудно го напушти кормилото на шпанската фудбалска репрезентација, откако неговата деветгодишна ќерка почина од рак. Тој претходно ја тренираше Барселона со која освои девет трофеи, а беше на клупата и на Селта и на Рома.