Елмас: Спалети ми покажа како побрзо да пораснам и како фудбалот да го играм поедноставно!

Македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас кој го даде првиот гол за Македонија во триумфот со Малта (2-1) за победнички почеток на осмиот евроквалификациски циклус има одлична сезона за Наполи со кој е на чекор до „скудетото“ во кое сезонава иако има улога на џокер е трет стрелец на наполитанците со шест гола и две асистенции.

 

Елмас веќе прераснува во лидер на Македонија без кого не можат црвено-жолтите, што синоќа се виде, откако репрезентацијата се размрда со неговото влегување и со тоа на стрелецот на голот Бојан Миовски, а Елмас за италијанските медиуми посочи дека Лучано Спалети е „виновникот“ што побрзо пораснал и научил поедноставен фудбал.

„Во Наполи има два лидери. Главниот е Лучано Спалети, а вториот е капитенот Џовани Ди Лоренцо. На терен е Спалети, во соблекувална е Ди Лоренцо. Спалери создаде одлична група, нѐ форсира да играме како тим, а мене ми покажа како побрзо да пораснам и како фудбалот да го играм поедноставно. И тој фудбал што го форсира е голема забава“, рече Елмас за италијанските медиуми.

Наполи има плус 19 пред Лацио на 11 кола до крајот на Серија А и веќе во идниот месец во Неапол може да се слави „скудетото“, а тимот на Елмас го чека и двомеч за две недели со Милан за полуфинале во ЛШ, откако веќе испишаа историја со прво четвртфинале во најпрестижното натпреварување.