Елмас остана без тренер: Наполи го отпушти Анчелоти

Најавите дека натпреварот со Генк е последен за Карло Анчелоти на клупата на Наполи се остварија. Клубот вечерва иако се пласираше во осминафиналето во Лигата на шампионите му врачи отказ на искусниот тренер. 

„Наполи одлучи да го смени Карло Анчелоти од позицијата тренер. Пријателските односи и взаемниот респект помеѓу клубот, претседателот Аурелио де Лаурентис  и Карло Анчелоти остануваат непроменети“, стои во краткото соопштение на клубот на „Твитер“.

Анчелоти 18 месеци беше на клупата на „наполитанците“, а лани во својата прва сезона заврши на второто место во Серија А. Сезонава лошите резултати во италијанското првенство му ја запечатија судбината. Клубот по 15 кола се наоѓа на седмата позиција на табелата со 21 бод.