Елмас: Многу првотимци си заминаа, но очекувам повторно одлична сезона!

Наполи тргна моќно со пет гола во Верона (5-2) во новата сезона во Серија А, во која влегоа без неколкумина првотимци, откако Лоренцо Инсиње, Дрис Мертенс, Калиду Кулибали веќе си заминаа, а пред трансфер во ПСЖ е и Фабијан Руиз.

Но, наполитанците иако имаат нов лик со низа засилувања, а во најава се уште неколкумина што треба да дојдат, најавија дека најмалку ќе се борат за место во ЛШ, иако сонот на сите под Везув е шампионската титула. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас тргна на стартот на сезоната како резерва, но верува во нова одлична сезона.

„Нормално е да има промени, многу извонредни играчи си заминаа, кои беа тука со години. Сите тие кои заминаа, сега на нас ни ја оставија одговорноста и веќе од почеток се чувствува таа одговорност, почнувајќи од нашиот нов капитен Ди Лоренцо. Но, тука се новајлиите, кои ќе ни помогнат да имаме нова добра сезона. Во минатата имавме извонредна сезона, а јас се надевам дека и оваа сезона ќе биде – одлична“, рече Елмас.