„Елмас е пресреќен во Наполи, а сега сонува да ѝ даде гол на Барса!“

Нема дилеми дека македонскиот бисер Елиф Елмас ќе остане во Наполи, без оглед на шпекулациите од Турција за наводен заем, па под Везув се очекува само моментот кога младиот фудбалер за врска ќе потпише нов подобрен договор со наполитанците со верност до 2025 година.

Менаџерот на Елмас, Џорџе Гарди во интервју за наполитанското радио „Кис Кис“ посочи дека дебитантската сезона на Елмас во која даде еден гол, имаше една асистенција, го освои Купот на Италија и одигра над 30 мечеви била позитивна година на прилагодување, особено во клуб и дрес кој има сериозна тежина како во Неапол.

„Ова беше позитивна година на прилагодување, зашто не е лесно за било кој играч што ќе дојде во Италија, а особено ако носи дрес на гигант како Наполи. Елиф многу добро се снајде во тоа семејство на Наполи и тој е фудбалер кој е голема личност, па не чувствува притисок. Погледнете на последниот меч беше најмлад во стартниот состав. Одлично се снајде, како тој, така и неговото семејство, а сите работи како течеа се одлични. Имаше извонреден однос со Карло Анчелоти, па потоа со Џенаро Гатузо, еден прекрасен однос во кој директно разговараат. Елмас чувствува дека Гатузо има доверба во него и среќен е“, вели Гарди.

Уште од поодамна медиуми од Неапол објавија за новата соработка на Елмас, тоа го потврдија и од клубот, а менаџерот Гарди посочува дека усмено е договорено сè.

„Даден е збор уште многу од поодамна. Даден е збор од Наполи, од семејството. Елмас и семејството се многу сериозни, а во следниве денови очекуваме дека ќе имаме некои вести“, посочува менаџерот.

Наполи со освојувањето на Купот има директен пласман во Лига Европа, а за пласман во ЛШ ќе мора го освои „сребрениот пехар“, зашто преку Серија А, уште од поодамна местото во елитата беше недостижно. Прва пречка за наполитанците е Барселона и Лионел Меси и тоа за една недела на „Камп Ноу“ во реванш осминафиналето (1-1 прв меч).

„Елмас е полн со мотивација и сонува да ѝ даде гол на Барса, ако има таква шанса. Барселона е импресивен тим, тешко е да бидат поминати, ама во фудбалот сè е можно и не заборавајте дека Наполи го победи европскиот првак Ливерпул“, додава Гарди.