Елмас доби 20-на минути од Гатузо, па дури и пофалби по мечот од него

Македонскиот бисер Елиф Елмас не добива преголема шанса од Џенаро Гатузо, откако овој го замени Карло Анчелоти на клупата на Наполи, па младиот фудбалер за врска и синоќа беше резерва, но овојпат доби 23 минути да игра против Лацио во победата во Купот на Италија.

Откако дојде Гатузо на клупата, Елмас има само 24 минути во Серија А, а играше 90 минути против второлигашот Перуџа и сега 23 минути против Лацио во Купот на Италија. Но, Гатузо после мечот не пропушти шанса да го испофали македонскиот бисер за настапот откако го замени Хозе Калјехон во 67-та минута од мечот.

„Сакам да му честитам на Елмас за одличниот меч. Го замени Калјехон и донесе вистински дух на теренот, дури и кога бевме под притисок. Повторно видов во него вистински ритам и дух“, рече Гатузо.

Наполи со 1-0 го победи и го елиминираше Лацио, за малку да стивне големиот притисок врз бившиот тренер и играч на Милан, кој откако дојде во Неапол има само една победа од пет меча (четири се порази) во Серија А, па наполитанците се поблизу до зоната за испаѓање (десет бода) во однос на местата за ЛШ (11 бода).