Додека Мајорал добиваше голема награда, неговата куќа изгоре! (ФОТО)

Поранешниот играч на Реал Мадрид, сегашен на Хетафе, Борка Мајорал ја доби наградата „Сара“ која се доделува за најдобриот шпански стрелец во Ла Лига.

Тој за Хетафе минатата сезона постигна 15 голови, што беше најмногу од сите шпански фудбалери во Ла Лига.

Повеќе голови од него постигнаа Артем Довбик, Александар Сорлот, Џуд Белингем, Роберт Левандовски, Анте Будимир, Антоан Гризман и Јусеф Ен-Несири, но сите тие се странски играчи.

И додека Мајорал го добиваше големото признание, во неговата куќа во Мадрид избувнал пожар. Пожарникарите успеале да спречат да се прошири, но првиот кат од куќата целосно изгорел.

„Како што пренесоа и медиумите, ми се случи проблем. За среќа моето семејство и јас сме добро. Освен што бевме преплашени, нема некои поголеми последици по мојата девојка и децата. Им благодарам на сите кои изразија загриженост“, напиша Мајорал на социјалните мрежи, а неговата девојка, Флавија Наталини објави фотографија од пожарот.