„Да ја тужам Барса не ми паѓа напамет, тоа е клуб кој го сакам и ми даде сè во животот!

Најголемиот фудбалер што некогаш играл во Барселона, Лионел Меси остана во Барселона, признавајќи дека невозможно било да си замине поради откупната клаузула од 700 милиони евра, па денеска потврди дека и во следната сезона ќе игра за каталонската гордост.

Светските медиуми, многу стручњаци и аналитичари во изминативе две недели објавуваа секакви можни сценарија околу заминувањето на Меси, од тоа дека клаузулата не важи зашто последната сезона од неговиот договор е опциска, па до тоа дали рокот 10 јуни за да каже дека сака да си замине е поминат, бидејќи беше пролонгирана сезоната.

И се најавуваше дека Меси би можел по судски пат да ја бара правдата и раскинот на договорот, но Аргентинецот денеска потврди дека такво нешто не му паднало на памет.

„Имаше опција да одиме на суд, ама мене такво нешто не ми паѓа напамет. Не сакам да одам и да се тужам со Барселона, тоа е клуб кој го сакам и ми даде сè во животот откако сум дојден. Барса е клубот на мојот живот, клубот ми даде сè и јас му дадов сè. Затоа ќе повторам, никогаш не ми падна напамет да одам на суд против Барселона“, рече Меси.