Чурлинов си оствари сон: Од дете имам дрес од Марио Гомез, сега ќе играм со него!

Младинскиот македонски репрезентативец Дарко Чурлинов пред една недела и официјално направи трансфер од Келн во Штутгарт и во пролетниот дел од сезоната ќе се обиде да помогне за „швабите“ да се вратат во германската елита.

Најмладиот македонски репрезентативец, кој е еден од плејадата големи таленти од генерацијата 1999 заедно со Елиф Елмас, Јани Атанасов, Димитар Митровски..., по доаѓањето во Штутгарт првпат на Германците им откри една тајна – од дете навивал за овој клуб. Чурлинов во моментов е во шпанска Марбелја, каде се подготвува со Штутгарт, па сето тоа го посочи за клупскиот сајт.

„Сега нема да ви се верува, ама како дете имав дрес на Штутгарт со бројка на Марио Гомез. Тој секогаш ми беше идол, а и сè уште ми е“, вели Чурлинов.

Сега Македонецот ќе има шанса да игра со својот идол, а и да учи од него, бидејќи легендарниот германски репрезентативец (78 настапи за Германија) со шпанско потекло од 2018 година повторно е во Штутгарт, каде и ја почна кариерата, по што следеше настапи во Баерн Минхен, Фиорентина, Бешикташ и Волфсбург.

„Мислам дека тука во Штутгарт подобро ќе се развивам отколку во Келн. Таму тренирав со вториот тим, а Штутгарт ми се допаѓа, чест е да бидам на терен со својот идол“, додава Чурлинов.