Чурлинов неизвесен за стартот на Бундеслигата поради проблеми со грбот

Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов, кој летово се врати во Штутгарт и имаше одлична предсезона и почеток во Купот со гол за победа, неизвесен е за стартот на Бундеслигата поради повреда.

Штутгарт на отворањето на сезоната ќе се соочи со Ред Бул Лајпциг, но многу веројатно е дека Чурлинов нема да биде во комбинација, откако неговиот клуб денеска објави дека има проблеми со грбот, повреда која ја има и Паскал Штенцел, па двајцата се крајно неизвесни за настапот.

Чурлинов летово се врати во Штутгарт после едногодишниот заем во Шалке 04, но гигантот од Гелзенкирхен немаше три милиони евра за да го откупи, а потоа се појави англиски Барнли како заинтересиран за да го ангажира офанзивното крило, но понудата беше незадоволителна, а и самиот Чурлинов претпочита да остане меѓу „швабите“ и да го искористи добриот моментум за да игра во елитната германска лига.