Челси најде засилување за средниот ред во Интер

Лондонски Челси сериозно е заинтересиран да се засили во средниот ред со уругвајскиот репрезентативец Матијас Весино, а „сините“ се надеваат дека поради финансискиот фер плеј ќе го искористат моментот за да ги убедат „нераѕурите“ за да им го продадат.

Новите правилници на УЕФА кои бараат балансирани финансии сега се адут на Челси за да го добијат Уругваецот, затоа што Интер веќе купи една голема ѕвезда во средниот ред во Раџа Наинголан, кој дојде од Рома. Според информации кои ги имаат лондончани, Интер ќе мора да продаде неколку фудбалери за да не се најде во проблеми пред европската централа, па сега Весино може да го добијат за 30-на милиони евра.

Наводно Интер за Уругваецот има цена од 35 милиони евра, но во Лондон се убедени дека може да го добијат за неколку милиони помалку. Инаку Весино е високо на листата на желби на Челси, затоа што Маурицио Сари добро го знае од Емполи, кога заедно соработуваа, по што Уругваецот замина во Интер, а тренерот го презема Наполи.