Челси без Пулишиќ, Аспиликуета и Педро против Баерн во ЛШ

Лондонски Челси вчера во финалето на ФА-Купот не само што го загуби трофејот со поразот од Арсенал со 1-2, туку остана и без тројца фудбалери на неполна недела пред реванш осминафиналето во Лигата на шампионите со Баерн Минхен.

Иако „сините“ имаат невозможна мисија за среде Баварија да надоместат три гола негатива (0-3) од февруарскиот прв меч во Лондон, маката на Франк Лампард е уште поголема зашто остана без два клучни фудбалери, а плус во последните моменти го загуби и Шпанецот Педро, кој има дислокација на рамото.

Вчера на „Вембли“ прво се повреди Цезар Аспиликуета десет минути пред полувремето откако направи пенал за Обемејанг да израмни, а потоа и Кристијан Пулишиќ излезе од игра непосредно по стартот на вториот дел, за на крајот и Педро да доживее тешка повреда. Сега Лампард ќе има сериозни маки да состави тим, кој во Минхен против залетаната германска машина ќе одигра барем достојно да се прости од оваа сезона во Лигата на шампионите.

За Педро дуелот со Арсенал веќе извесно е последен во лондонскиот тим, зашто веќе има договорен трансфер во Рома, а како стојат работите нереално е дека тој ќе биде подготвен за пресметката со Баерн.

„Не знам точна дијагноза, ама бидејќи станува збор за повреда на мускул, јасно е дека ќе треба неколку дена пауза, па снимки и сигурно е дека за една недела нема да бидат подготвени. За Педро, работата е дека има дислокација на рамото, но прерано е да се каже и за него точна дијагноза“, рече Лампард.