Бензема има усмен договор со Ал Итихад, Перез го разубедува на сите можни начини!

Француската ѕвезда на Реал Мадрид, Карим Бензема, последната „златна топка“ за 2022 година има усмен договор со саудиски Ал Итихад за трансфер, а Французинот пред неколку дена го информирал Карло Анчелоти дека има желба да се пресели во Саудиска Арабија.

Еден од најпознатите француски новинари Санти Она од „Футмеркато“ објави детали околу потенцијалниот трансфер на Бензема во С. Арабија, откако „Марка“ пред два дена објави дека Французинот наводно донел конечна одлука да остане уште една сезона на „Сантјаго Бернабеу“.

Според Она, Бензема го информирал Анчелоти дека преферира да оди во С. Арабија, каде има на маса понуда од вкупни 400 милиони евра, но Флорентино Перез е човекот кој во последниве денови на секој начин се обидува да го разубеди центарфорот за да остане во Реал. Според Она, Перез освен договорот на една година, му понудил на Бензема и да продолжи како челник во клубот откако ќе ја заврши кариерата.

Бензема има усмен договор со Ал Итихад, но нема ништо потпишано, па сега сагата ќе продолжи сигурно додека нешто не се официјализира, иако од Шпанија доаѓаат најави дека понудата од С. Арабија за Бензема ќе биде на маса и идното лето ако во ова не успеат да го донесат.