Белгиски Еупен заинтересиран да го земе Миовски од МТК

Белгиски Еупен е заинтересиран за македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, членот на унгарски МТК Будимпешта и од Белгија веќе испратиле понуда за трансфер на напаѓачот.

Еупен во оваа сезона заврши на 15-то место во најсилната Јуплер-лига со ист број на бодови како и Зулте Варегем, четири над претпоследниот Сераинг, кој игра бараж за опстанок и сега овој клуб бара засилувања за следната сезона во која повторно ќе биде во групата на клубови кои ќе се борат за опстанок.

Миовски во МТК замина од тетовска Ренова, ама унгарскиот гигант сезонава испадна од најсилната лига во Унгарија, па заминувањето на македонскиот репрезентативец е веќе извесно. Миовски даде осум гола и запиша три асистенции сезонава за МТК.

Во МТК игра уште еден македонски репрезентативец, Стефан Спировски, кој зимоска го засили овој клуб. Во Белгија, пак, во новата сезона ќе игра еден македонски репрезентативец Ердон Даци, кој во првата сезона како дел од Вестерло успеа да обезбеди пласман во елитното друштво.