Барселона два дена пред стартот на Ла Лига сѐ уште не може да ги регистрира новите засилувања

Шпанска Барселона остана без својата икона Лионел Меси, кој веќе е нов член на Пари Сен Жермен, ама каталонците поради ептен тешката финансиска состојба која е причина што го загубија Аргентинецот сѐ уште не може да ги регистрираат ни новите летни засилувања што дојдоа бесплатно.

Серхио Агуеро, Мемфис Депај, Ерик Гарсија дојдоа летово како слободни играчи, но проблем е што два дена пред стартот на Ла Лига, Барселона сѐ уште не може да ги регистрира објави радиото „Кадена Сер“, посочувајќи дека ова е доказ зошто Меси едноставно не можел да остане во каталонската гордост.

За да се случи регистрацијата на новите засилувања, Барса ќе мора да откачи низа фудбалери или во поголем дел да им ги намали платите за буџетот да биде доведен на 70 отсто од вкупната заработка на годишно ниво, за новајлиите да добијат „зелено светло“ за настап.

Ова значи дека Миралем Пјаниќ, Самуел Умтити, Мартен Брајтвајт, Фелипе Кутињо ќе мора да си заминат, ама веројатно ќе треба да си оди и некоја од ѕвездите за да се ослободи буџетот. Единствено досега си отиде Жуниор Фирпо кој потпиша за англиски Лидс.

Ла Лига стартува во петок, а викендов Барселона ја чека пресметка со Реал Сосиедад и шпанските медиуми веќе најавуваат дека нема да биде изненадување ако ниту едно од засилувањата не се појават на теренот.