Шкендија со пресврт во осум минути го реши Шкупи

Фудбалерите на Шкендија во одложениот натпревар од 12. коло го совладаа Шкупи со 2-1 во натпреварот кој поради суспензија на теренот во Чаир се играше во Струга.

Првото полувреме не донесе возбудувања, речиси и да не видовме ниту една прилика и сите три погодоци се постигнаа во второто полувреме.

Шкупи кој од почетокот на сезоната е во една тешка ситуација изненадувачки дојде до предност со голот на Португалецот Рибеиро кој стрелаше во 57. минута. Набрзо потоа Рибеиро влезе и во уште една добра прилика меѓутоа не ја искористи. Тренерот на Шкендија, Беќири фрли се на една карта и направи офанзивни измени и тоа се исплатеше.

Израмнување по еден корнер донесе Фетаи кој погоди со глава во 72. минута. Само осум минути подоцна по една асистенција од Тамба од десната страна за целосен пресврт се погрижи Љатифи.

Во следното коло Шкендија ја чека ново гостување, сега против Арсими, додека Шкупи ќе се соочи со Пелистер исто така во Струга.