Барса го изгуби Ел Класико, ама заработи 19 милиони евра
Според објавените податоци, Барселона инкасирала 19.105.768 евра од продажбата на билети, што е најголем приход во историјата на клубот од еден натпревар. Со тоа е надминат претходниот рекорд од мај годинава, кога дуелот со истиот ривал донесе 16.465.731 евро.
Интересно е што овојпат на стадионот имаше помалку гледачи. На претходното дерби присуствувале 62.213 навивачи, додека неделниот натпревар го следеле околу 62.000 гледачи. Сепак, повисоките цени на билетите и зголемената понуда на ВИП-места овозможиле значително поголема заработка. Просечната цена на билетот достигнала 984 евра без ДДВ, што претставува зголемување од околу 10 проценти во споредба со претходната сезона. Уште поголеми приходи донеле премиум-местата, чија просечна цена изнесувала 2.727 евра. Приходите од ВИП-понудата пораснале за дури 350 проценти.
Клубот ја искористил и стратегијата на динамично формирање на цените, при што вредноста на билетите се приспособува според побарувачката и атрактивноста на местото на стадионот. Но, рекордите не завршиле со билетите. Продавницата на Барселона на Камп Ноу во неделата за првпат остварила дневен промет поголем од 800.000 евра. Успешен бил и претходниот ден, па продавницата го надминала сопствениот рекорд во два последователни дена.
Голем придонес за продажбата имала и специјалната колекција создадена во соработка со американскиот рапер Тајлер, д Крејтор. Колекцијата поврзана со „Ел Класико“ остварила најголем приход меѓу досегашните соработки на Барселона и Спотифај со меѓународни музички ѕвезди, и во физичките продавници и преку интернет-продажбата.
Овие бројки дополнително го покажуваат комерцијалниот потенцијал на стадионот, кој сè уште не е целосно реконструиран. По завршувањето на работите, планираниот капацитет треба да достигне околу 105.000 места, вклучувајќи значително поголем број ВИП-седишта.