Барди: Понекогаш чувствувам дека ќе направам нешто, а Бог им враќа на тие што не се предаваат!

Македонскиот репрезентативец Енис Барди со прекрасен гол денеска му донесе голема победа на Леванте на гостувањето кај Гранада со 2-1, откако погоди од 20 метри во 90-та минута од мечот.

За Барди ова беше прв гол по два ипол месеци и многу важен за Леванте за да се прекине серијата од два порази во низа, по која сега овој тим со 23 бода по 17 кола е на 11-то место, веќе десет од опасната зона.

„Не знам како да кажам, ама понекогаш чувствувам дека ќе направам нешто и никогаш не се предавам. Бог Им враќа на тие што не се предаваат до крај, а јас верувам во овој тим, кој има голем карактер и многупати тоа го докажам. Знаев дека ќе додје голот, зашто постојано сум фокусиран до крајот. Не можам да го опишам чувството на среќа после голот за победа во последната минута“, вели Барди.

За македонскиот репрезентативец ова е втор сезонски гол, а во последните два ипол месеци е стандарден првотимец, само еднаш со настап како резерва.

„Ова беше тежок меч, на многу незгоден терен, но бевме подготвени и дадовме сè за да останеме во мечот до крајот. Првиот гол на Рочина не релаксираше, потоа тие израмнија и до крајот беше неизвесно. Со многу карактер дојде голот и победата. Јас сум пресреќен како одработивме. Секогаш е прекрасно кога ќе победиш. Овој тим покажа дека може секого да победи“, додава Барди.