„Барди не е на продажба, може да си замине ако ептен дојде (пре)богата понуда“

Македонскиот репрезентативец Енис Барди, кој по рестартот на сезоната во Ла Лига блесна во полн сјај, па во изминатиов месец и половина беше најдобар стрелец во Леванте, еднакво толкаво време во фокус кај шпанската лавност за еврнтуален трансфер летово.

Барди, кој даде пет гола по рестартирањето на сезната, па стана и најдобар странец-голгетер во историјата на Леванте, се поврзува изминатиов период со низа клубови, од премиерлигашкиот гигант Арсенал, преку калчолигашите Фиорентина и Лацио, па до „предавство“ во градскиот ривал на неговиот клуб Валенсија и се до низа бундеслигашки клубови.

Но, заминувањето на Барди од Леванте, барем засега според изјавите од клубот се – невозможни. Освен ако некој клуб ептен не понуди нешто што не се одбива.

„Барди, како и речиси сите во тимот, не се на продажба. Немаме поставено некаква цена. Немаме ни потреба да ги продаваме и да поставуваме цена, да се ценкаме... Ние сакаме да го задржиме комплетниот тим. Освен, ако на адреса не стигне понуда која е толку голема што едноставно не се одбива и ако таа понуда самиот фудбалер ја продаде“, вели Давид Наваро, координаторот во техничкиот оддел на Леванте.

Оваа изјава доаѓа само еден ден, откако спортскиот директор Маноло Салвадор посочи дека во моментов никаква понуда нема за Барди, ниту пак фудбалерот истакнал желба дека сака да си оди.

„Барди заслужи сè зашто имаше спектакуларна сезона. Дали ќе остане, ќе видиме, во многу зависи и од буџетот и што можеме ние да направиме. Но, засега тој нема објавено и кажано дека сака да оди некаде и да напредува“, вели Салвадор. Македонскиот репрезентативец пред три години дојде во Леванте за 1,5 милиони евра, а сега неговата цена достигна 20 милиони евра. Според шпанските медиуми, Леванте не прифаќа никаква понуда помала од 25 милиони, а ако ептен се реши да го продаде тоа би било над таа сума и скоро до 30 милиони. Барди има договор до 2022 година со опција за уште две години и откупна клаузула од 50 милиони евра.