Австриски репрезентативец на 29 години оди во пензија, а минатиот месец ја освои Лига Европа

Австрискиот репрезентативец Мартин Хнтерегер (29) реши да стави точка на својата професионална кариера и ги шокира сите во Франкфурт, само еден месец откако со Ајнтрахт ја освои Лига Европа во мајското финале во Севилја против Глазгов Ренџерс.

Хинтерегер имаше договор со Ајнтрахт до летото 2024 година, но сега спогодбено е прекината соработката, зашто тој повеќе не ужива во фудбалот, иако ептен му се израдува на највредниот пехар во кариерата минатиот месец.

„Јас уште есеноска првпат помислив дека е време да се повлечам, зашто се најдов во тешка фаза во спортска смисла. Прво зашто учинокот ми варираше, ама увидов дека победите повеќе не ми значат толку, а поразите двојно ме болат. Во тој трофеј во Лига Европа толку многу уживав, зашто знаев дека е последната голема работа што ја направив во овој клуб и овој град, кој ми стана мој втор дом“, рече Хинтерегер.

Тој е поранешен фудбалер на Салцбург каде мина шест години од 2010 до 2016, а потоа за 10,5 милиони евра го купи Аугзбург и мина три сезони, по што се пресели во Ајнтрахт за девет милиони евра. Со Ајнтрахт во новата сезона требаше да игра во Лигата на шампионите, што ќе беше првпат за него да биде дел од европската елита, ама очигледно ни тоа премногу не го возбуди за да продолжи со кариерата.