Арсенал понудил 20 милиони евра за Барди!

Лондонскиот премиерлигашки гигант Арсенал понудил 20 милиони евра за македонскиот репрезентативец Енис Барди, откако вчера „Онде Серо“ објави дека на адреса на Леванте стигнала „многу важна понуда“ од Лондон.

Според шпански „Ла Разон“, понудата од менаџерот на „топчиите“ Микел Артета за македонскиот репрезентативец за врска е 13 пати поголема од тоа што Леванте пред три години го плати за да го донесе од унгарски Ујпешт од само 1,5 милиони евра. Претходно беше објавено дека Леванте не размислува за продажба на Барди најмалку за половина од неговата откупна клаузула, што значи дека шпанскиот клуб (ќе) бара 25 милиони евра.

Секако ако се случи трансфер на Барди ќе биде нов македонски рекорд, само една година откако Елиф Елмас за 16 милиони евра плус бонуси дојде во Наполи од Фенербахче. За Барди интерес има од Фиорентина и два германски бундеслигаши, наводно Ајнтрахт и Штутгарт.

Барди има договор до 2022 година со откупна клаузула од 50 милиони евра, но сериозната понуда ако се покаже како точна дека Арсенал нуди 20 милиони, може да биде старт на сериозни преговори, па остатокот од пет милиони, ако тоа е најмалку што бара Леванте, да се вметнат разни бонуси и така да се стигне до сумата што малиот клуб од Валенсија го бара.

Интересно Барди по рестартот на сезоната има два гола на последните три меча од своите 16 погодоци во Ла Лига и секојпат кога постигнал гол – неговиот тим не загубил. А, исто е и во дресот на македонската репрезнтација.