Андонова: Барди е многу среќен во Леванте, се надевам и јас со многу голови и победи!

Најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андонова летово направи трансфер, па каталонска Барселона ја замени со некогаш најдоминантната женска екипа на Пиринеите Леванте, во амбициозен проект овој тим повторно да игра во Лигата на шампионите.

Леванте, во чиј машки тим веќе трета сезона игра македонскиот „снајпер“ Енис Барди, ќе бие жестока битка со Барса и Атлетико Мадрид за врвот во женската Ла Лига во оваа сезона, а Андонова со 25 години и сериозно богата кариера и големо искуство треба да донесе дополнителен квалитет во атакот кон остварување на целите.

„Наша цел е да влеземе во ЛШ. Верувам дека со самодоверба, со тренерскиот тим, со многу работа – ќе успееме. Сакам да дадам многу голови и да им помогнам на соиграчките да ги оствариме целите. Сакам да бидам на најдоброто ниво – тоа е мојата цел во оваа сезона“, вели Андонова во интервју за „Лас Провинсиас“.

Макеоднската фудбалерка посочува дека во Леванте дошла поради проектот на клубот, а вели разговарала со Барди, кој и кажал сè најдобро за клубот.

„Сакав да останам во Шпанија. Многу ми се допаѓа тука, а Леванте го одбрав зашто има извонреден и возбудлив проект. Тој проект и луѓето во стручниот штаб беа пресудни да го изберам Леванте. Јас уште како дете играв против Леванте и тогаш беше на многу всоко ниво. Никој не беше подобар од Леванте во тоа време во Шпанија, а потоа Барселона и Атлетико Мадрид пораснаа. Сега Леванте е трет, ама со проектот што го имаме можеме да направиме големи работи. Разговарав со Барди и прво што ми кажа беше дека многу добри луѓе работат во Леванте, а многу брзо се прилагодил уште од почетокот. Многу е среќен во Леванте. Нас во Македонија сите не знаат и затоа и јас сум сега уште посреќна што ќе играм за Леванте“, додава Андонова.

Посочува дека кога заминала во Шведска, женскиот фудбал во Шпанија и не бил нешто посебно, а лани дочека да игра пред 60.000 гледачи што е неверојатно.

„Шпанскиот женски фудбал е многу напреднат. Кога заминав во Шведска, никој не знаеше дека воопшто се игра женски фудбал тука. Јас лани играв меч Барса – Атлетико пред 60.000 луѓе. Тоа беше нешто неверојатно. Вакво нешто не се случува секаде. Нема зборови да се опише. Кога имате таква поддршка, кога луѓето викаат по вас. Јас од 16 години играм во Германија, па Шведска, па ПСЖ, Барселона. Сега имам 25 години и кариера која е мнгу добра“, посочува Андонова.