Аморим: Понудата на Манчестер Јунајтед беше во стилот – сега или никогаш!

Рубен Аморим и официјално е новиот тренер на Манчестер Јунајтед, откако ја прифати понудата од англискиот гигант да седне на жешката клупа, што португалскиот стратег го потврди по синоќешната победа на Спортинг Лисабон над Естрела (5-1), во натпревар во кој неговиот се уште актуелен тим го задржа стопроцентниот учинок во првенството.

По натпреварот, темата за одлуката на Аморим беше главна, со оглед на шпекулациите кои пристигнаа од Англија. Тој објасни дека добил „сега или никогаш“ понуда од Јунајтед, што го натерало да донесе одлука.

„Сакав да останам во Лисабон до крајот на сезоната, но ми беше кажано дека тоа не е возможно. По три дена размислување, одлучив да ја прифатам понудата. Ова не е првпат да добијам ваква понуда, другите дури беа далеку побогати, но чувствував дека Манчестер Јунајтед е вистинскиот клуб за мене,“ изјави Аморим.

Тој ќе го замени Ерик Тен Хаг, кој пред нецела недела беше отпуштен од клубот по ужасните резултати на тимот оваа сезона.