Алиоски за пласманот во Премиерлигата: Оваа радост и среќа во Лидс не се купува со пари!

Македонскиот репрезентативен лев бек Езгјан Алиоски со Лидс обезбедија пласман во Премиерлигата за следната сезона и после долги 16 години, поранешниот англиски првак повторно ќе биде дел од англиската елита, а популарниот Џани не може со зборови да ја опише среќата и радоста за успехот што го направија.

Алиоски веќе три години е во Лидс, ама како и сите негови соиграчи вистинскиот напредок го доживеаа откако во клубот дојде Марсело Биелса, аргентинскиот „лудак“, кој го препороди тимот и го врати во елитното друштво. Лидс е еден од градовите каде фудбалот е како религија, па сцените од невиденото славје за враќањето во Премиерлигата не беа ни изненадувачки.

„Чувството да се пласирате во Премиерлигата е нешто неверојатно. Оваа радост, оваа прослава – тоа со пари не се купува. Треба да уживаме во овие моменти. Немам зборови за да го опишам сето ова, колку секој е среќен за успехот. Со пари радост не може да купиш, мора да ја создадеш“, вели Алиоски.

Македонскиот репрезентативец има само пофални зборови за Биелса, човекот со кој сите во клубот напредуваа, а левиот бек кој игра и како лево крило, а навивачите го обожуваат поради лудориите потенцира дека аргентинскиот менаџер – им го смени и менталитетот и духот.

„Марсело е посебен човек и ние само може да му кажеме – благодарам! Тој ни го смени менталитетот и духот. Сите фудбалери сакаа да направат нешто, секој играч го следеше тоа што Биелса го сакаше. И успеавме. Ако не го следевме, ако не верувавме, немаше ни да успееме. Сите верувавме дека можеме да ја оствариме целта, иако имавме и лоши моменти како минатата година. Но, ако не верувате, не може да стигнете до таа цел. Нема многу луѓе како Марсело, тој е посебен“, додаде Алиоски.