Фудбалерите на Вардар одиграа најдобро кога беше најпотребно и со триумф на денешното гостување кај директниот ривал Брегалница (3-0) речиси сигурно ги избегнаа двете места што директно водат во Втората лига со оглед што сега имаат дури шест бода повеќе од денешниот ривал и од Македонија ЃП на три кола до крајот на првенството.

Златната победа на црвено-црните ја најави Шушњара уште во осмата минута, по што скопјани умешно го бранеа водството се до крајот, кога штипјани нападнаа со сите сили. Таквата офанзива донесе уште два погодци за вардарци, со што го запечатија триумфот кој и тоа како ги израдува навивачите на овој тим.

Најголем победник од оваа прволигашка рунда е Шкендија, која со спектакуларен пресврт ја совлада Бреба (3-2) на домашен терен и тоа откако противникот до скоро 70. минута од мечот водеше со два гола разлика и тоа со погодоците на Ивковиќ во првото и Цветановски во второто полувреме. Адеми во 77. минута го најави пресвртот, ваке десет минути подоцна изедначи, а херој беше Аганспахиќ со гол во 94. минута.

Тетовци со ова максимално ги искористија поразите на директните ривали за титулата. Шкупи неочекувано лесно падна на гости кај Гостивар (0-2), додека Струга во меч со два пресврти загуби на гости кај Тиквеш (2-3). Кавадарчани поведоа со голот на Мојсов во 32. минута, но Ибраими со два гола во 63. минута и во 77. минута (вториот од пенал) му донесе шанса на шампионот за посакуваниот триумф. Но, расположените кавадаречки фудбалери не се предадоа, па прво изедначи преку Стојкоски во 82. минута, а Луан Силва во 94. минута да донесе ерупција од воодушевување на стадионот.

Воска и Работнички исто така остварија големи победи и тоа на гостински терен, првите против Македонија ЃП (2-0), која веќе со еден чекор е второлигаш, односно против Силекс (1-0). овие два тима веќе речиси немаат грижи околу опстанокот.

ТАБЕЛА: Шкендија 58, Струга 58, Шкупи 58, Тиквеш 42, Силекс 41, Гостивар 40, Работнички 38, Брера 37, Воска 37, Вардар 32, Македонија ЃП 26, Брегалница 26.