Вардар пред штрајк: „Жално е Комити да соберат пари, а да не може да ни ги дадат“

Додека се најавува нов стратешки партнер за Вардар, исплатата на долгувањата од Сергеј Самсоненко почнаа да се реализираат со завчерашна исплата на 350.000 евра, актуелниот тим на црвено-црните кој грчевито се бори за опстанокот е фрлен како партал на улица, сам да се снаоѓа како знае и умее во оваа грчевита битка во која тимот ниту има дом каде да тренира, ниту фудбалерите ги добиваат барем и тие минимални плати за кои играат.

Вардарци едвај тргнаа во мини-подготовките за стартот на новата сезона, освоија бод во првите три кола, в недела ги чека нова тешка пресметка со Струга Трим Лум, а во моментов екипата е оставена на милост и немилост, без поддршка од никого освен од Комити, чија акција за спас на клубот со распродажбата на Националната Арена „Тодор Проески“ собра 50-на илјади евра, а парите сѐ уште не може да им ги дадат на фудбалерите.

„Оставени сме на милост и немилост, добивме аванс, ама сѐ нешто ја кочи целата работа. Во моментов поддршка имаме само од Комити, кои собраа пари, ги имаат на сметка, сакаат да помогнат, а за жал и таа помош засега не може да се реализира. Колку и да се трудат да помогнат, постојано се наоѓа некоја пречка. Тие пари што се собраа (од акцијата 'купи карта за спас на Вардар' – н.з.) ни се ветени дека ќе ни ги дадат, но... Тие ни се единствена поддршка во секој дел, сѐ трудат, сѐ борат за Вардар, триста напори преземаа и пак се појавуваат нови и нови проблеми кои цела работа ја кочат. Буквално сѐ е закочено и сериозно треба некој нешто да преземе, мора да се најде начин како да се реши ова со Комити, зашто жално е да ги имаш парите, а да не може да ги дадеш“, вели капитенот на црвено-црните, Дејан Блажевски.

Популарниот Шиле е единствениот фудбалер од златната генерација која играше групи во Лига Европа, како круна на периодот со хет-трик на титули во домашниот шампионат, а искусното крило кое летоска се врати во клубот за да помогне во овој хаотичен период, посочува дека од Вардар моментно е останато само името

„Во моментов од Вардар е останато само името и поддршката што ја имаме од Комитите. Од понеделник теренот во Илинден ќе се реновира, ќе нема каде да тренираме. И немаме решение. Вардар има Академија, има тренинг камп, ама... Кај ќе тренираме од понеделник? Ете можеби ќе добиеме 2-3 дена на ФФМ или Алумина, ама и тоа е краткорочно. Имаме сериозни проблеми, а сме без решенија“, посочува Блажевски.

Во целиот хаос фудбалерите засега наоѓаат некаква мотивација за да се борат за грбот, за честа, реномето на клубот, а единствено решение за да се смири и дополнителната тензија на финансиски план во овој тим е да завршат парите собрани од навивачите кај играчите.

„Има фудбалери кои мора од нешто да живеат, не сите направиле пари во кариерата за да може да си дадат од џеб за да го издржат периодот. Ситуацијата во клубот е лоша, нема ни за копачки, ни за превоз....Мора да се најде начин да се реализираат тие пари, дали Самсоненко ќе помогне, дали власта, едноставно мора. Мора да се дадат парите на фудбалерите за да се купи мир за следните месец, месец ипол, додека се решаваат проблемите во клубот. Гледам дека Сергеј почнал нешто да исплаќа од долговите, но тоа се стари долгови и сето тоа е задоцнето. На овој тим треба да му се помогне. Најавено е дека во идната недела ќе се најде некакво решение за тие пари од Комити да им се дадат на фудбалерите, тие дури се погрижија да одиме во карантин пред дуелот со Струга“, додава Блажевски.

Како капитен на овој тим, составен најмногу од младинци, потенцира дека на секој меч екипата ќе влезе да даде сѐ од себе и да се бори за да го избегне црното сценарио, а бара итно да се најде решение и начин да им се помогне на Комити за тие пари, кои моментно се единствен извор за финансирање, да завршат кај фудбалерите.

„Добро е што ние даваме максимум и секогаш ќе го даваме максимумот. Никој не сака да испадне, јас сум капитен на Вардар, не сакам да влезам во историја како капитен кој испаднал со Вардар. Најавите се дека идната недела ќе се среди ситуацијата, но ако нема решение на некој ќе му се прелее чашата. Јас се надевам и верувам дека ќе се најде решение, дека парите ќе се пуштат, но проблем ќе биде ако тие пари не се пуштат и останат заглавени. Нема од каде повеќе да земеме пари. Нема таков човек што ќе дојде и ќе ни даде пари. Многу ветувања има(ше), ама сѐ е останато на старо. Мора да се најде начин како да им се помогне на Комити, инаку...“, завршува Блажевски.