
Воска: Не бевме рамноправни на теренот, судиите носеа сомнителни одлуки
Воска го напушти теренот само неколку минути по голот на Вардар за израмнување, иако на снимката може да се види дека реакциите за таа ситуација и не беа оправдани затоа што топката ја минува гол линијата.
Во соопштението по натпреварот од Воска бараат ФФМ да го разгледа судењто во комплетниот натпревар и да се преземат соодветни мерки.
Воска спорт го изразува својот револт и жалба, информирајќи ја Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за спорните судиски одлуки на последниот натпревар меѓу нашата екипа и Вардар. Од првата минута од натпреварот нашите фудбалери не беа рамноправни на теренот со противниците поради низата неправедни судиски одлуки кои значително се одразија на текот на играта и исходот на натпреварот.
Судиите постојано носеа сомнителни одлуки, што доведе не само до нефер игра, туку и до серија неосновани опомени и казни кон нашите играчи. За жал, поради овие сериозни неправди, во 76. минута нашиот тим беше принуден да се повлече од игра. Сметаме дека ова беше единствената можна одлука да ги заштитиме правата на нашите играчи и да спречиме понатамошно нарушување на спортскиот интегритет.
Во оваа насока бараме од ФФМ да ги разгледа спорните одлуки на судиите и да преземе мерки за спречување на вакви ситуации во иднина. Се надеваме дека ќе се спроведе детална истрага за судиските одлуки и ќе се обезбеди фер и рамноправна игра за сите екипи. Очекувајќи го вашиот одговор и дополнителни инструкции, ви благодариме за разбирањето. Со почит, Воска спорт.