Вечното дерби под рефлектори во Битола, Пелистер го пречекува Вардар
Вечрва во Битола се очекува вистински фудбалски спектакл. За натпреварот меѓу Пелистер и Вардар владее голем интерес, билети снема на ден пред одигрување на дуелот. Атмосферата ќе биде жешка, најавена е и голема инвазија на „Комити“, па и двата тима ќе имаат сериозна поддршка од трибините.
Првата пресметка оваа сезона меѓу ривалите ја доби Вардар со 1-0, но во Битола фаворитската улога ќе ја има Пелистер. Не само поради домашниот терен, туку и поради актуелната форма.
Битолчани немаат пораз на последните четири натпревари, немаат ниту победа, натпреварите ги завршуваат со реми, имаат дури седум нерешени резултати во изминатите 12 кола, две победи и само три порази.
Вардар исто така има две победи, но дури осум порази, затоа има пет бода помалку од Пелистер и се наоѓа на дното на табелата.
Денешниот меч во Битола не е значаен само поради вечното ривалство на двата тима, туку и поради бодовите кои им се неопходни и на Вардар и на Пелистер во борбата за опстанок.
Интересен дуел има и во Скопје, на мегдан ќе излезат првите две екипи на табелата, Работнички ја пречекува Шкендија.
На Чаир, Шкупи ќе биде домаќин на Гостивар, Брера игра против Силекс, Воска ќе се сретне со Тиквеш, а актуелниот шампион Струга гостува кај Беса.
Дербито меѓу Вардар и Пелистер се игра од 19 часот, сите останати натпревари почнуваат од 13 часот.
ПМФЛ 13. коло:
Пелистер - Вардар
Работнички - Шкендија
Шкупи - Гостивар
Брера - Силекс
Воска - Тиквеш
Беса - Струга
Табела: Работнички 24, Шкендија 23, Силекс 21, Гостивар 21, Струга 19, Шкупи 16, Брера 15, Пелистер 13, Беса 12, Воска 10, Тиквеш 8, Вардар 8.