Васоски: ФФМ да се запраша какви судии нѝ делегира! Османи: Титулата не е решена!

Шкендија го победи Вардар со 1-0 во првото пролетно коло во Првата лига, по што тетовци им избегаа на црвено-црните на осум бодови со веќе обезбеден сигурен подобар меѓусебен дуел, но мечот го одбележа непризнаениот чист гол на Филип Најдовски во првото полувреме.

Вардар второ дерби по ред е сериозно оштетен, откако во Маџари, загубија со фантомски гол. Овојпат, регуларниот погодок на Најдоски, чија бомба заврши 30-на сантиметри зад гол-линијата откако се одби од пречката, не го видоа судиите. Тренерот Александар Васоски, потенцираше дека Вардар повторно е сериозно оштетен и посочи дека ФФМ треба да се запраша какви судии делегира.

„На двата меча со Шкендија судиите драстично нè оштетија. Сега не ни признаа чист гол. Фудбалерите се нервозни - зошто тренираме тогаш, зошто немаме ист третман? Разочарани сме. Апелирам до ФФМ да се запрашаат какви судии се делегираат на мечевите. Нека ја погледнат снимката. Вардар е драстично оштетен и на двата меча. Кој сака нека седне со мене на маса, ќе дебатираме и ќе зборуваме отворено за мечевите. Немаше којзнае каква убавина во дербито, но ние сме многу оштетени“, рече Васоски.

Тренерот на Шкендија, Ќатип Османи посочи дека иако неговиот тим со триумфот направил голем исчекор кон одбрана на титулата, сепак прашањето за шампионската круна не е завршена.

„Одигравме тежок натпревар и вистинско дерби на две квалитетни екипи. Шкендија заслужено победи, ние успеавме во нашата цел, дадовме навремено гол и креиравме шанси потоа. Вардар е сепак добар тим, не смее никого да го отпишеме пред време. Има уште долго да се игра, а иако имаме добра предност рано е да коментираме за титула“, вели Османи.