Вардаровите деца го покажаа капацитетот, сега е ред Вардар да се покаже кон нив!

Беа отпишани уште од денот кога УЕФА им рече стоп за Европа, а ФИФА ги дотепа со казната за засилувања, па најтрофејниот клуб Вардар остана во најголем дел на голобради момчиња со низа искусни фудбалери да се борат за честа на грбот и боите, „прежалени“ буквално од сите дека може нешто да направат во новата сезона, а тие на сите маки јуначки вратија со – есенска титула. И тоа не било каква, туку со осум бода пред најголемиот ривал Шкендија, која трбаше да се прошета до третата круна по ред.

Вардаровите деца, зашто најголем дел од нив на кои во сезонава сметаше тренерот Александар Васоски се производ од својата школа, во најтурбулентниот период на клубот во изминативе осум години, покажаа дека гордо и храбро се борат за секој сантиметар на теренот, за секоја топка и дека се голема иднина на најтрофејниот клуб. Тренерот Васоски после мечот порача дека „овие деца гинат за Вардар и заслужуваат на секој меч огромна поддршка од сите навивачи и симпатицери на црвено-црните“.

Вардар заслужи поддршка, заслужи пополн стадион од мизерните двесте-триста во просек сезонава, ама пред се вардаровите 'деца' од најискусните Гачевски и Новак, преку Тошевски, Најдовски, Мицевски, па се до Аврамовски, Цветановски и младата штотуку полнолетна гарда заслужија клубот да се покаже кон нив! Си го заслужија секое евро кое треба(ше) нормално да им се исплати, за секоја капка пот на тренинзите и во 18-те меча во кои црвено-црните од „екипа за отстрел“ стигна до есенска титула.

Не е новост дека Вардар има финансиски проблеми, кои веќе траат две години. Уште од ланската зима, кога се почувствува првата сериозна криза и тоа веднаш после историскиот настап во групите во Лига Европа, а кулминираше минатото лето со блокирана сметка и со суспензија од европските настапи летоска и казната од ФИФА. Но, на управата е сега, потегот кој мора да го направи и да ги подмири сите долгови кон овие фудбалери, ама пред сè и да го задржи тимот и сопствените деца на подолг рок. Како и претходно, така и сега, долговите и ветувањата за подобро утре постојано ги има(ше), но сметките остануваа – не исчистени.

Ако Вардар има план (мора да го има), прво што треба да направи е да најде начин да го стабилизира клубот, да не влече опашки со долгови кон играчкиот погон и да има долгорочен план со децата, кои есенва покажаа дека се голема иднина на црвено-црните. Зашто ништо несредено и нов „финансиски хаос“, повторно многу брзо може да донесе нови проблеми, заминувања... Пред управата сега е да покаже дека ја научила лекцијата блиското минато, кога страшно потенцијални фудбалери за беспари си заминуваа од клубот, баш поради финансиската криза, беспарицата, доцнењето на плати, рати, вечните ветувања...

Колку Вардар загуби(л) досега подобар доказ нема, кога ќе се спомене дека тројца од четворицата стандардни младински репрезентативци се баш вардарци – десниот бек Тодор Тодоровски (Осиек), стоперот Есмин Личина (Македонија ЃП), левиот бек Филип Антовски (Динамо Загреб). Па ако се додаде дека без збор лесно се откажа од Ердон Даци (Коњаспор), кој исто така е младински репрезентативец, а во пионерски денови загуби играчи како Дарко Чурлинов, Енис Фазлагиќ..., јасно е дека веројатно на сите во Вардар ќе им светне дека треба и мора многу повеќе се посвети внимание на тие што ги создава А, и да има јасен план за да не остане со „прстот во уста“ како досега. Ако не, брзо ќе дојде денот кога Али Адем, Џемал Ибиши, Никола Серафимов, Марио Младеновски брзо ќе си најдат спас, по истиот пат по кој си отидоа многу таленти од клубот.

Есенската титула е шанса за пресвртница, која треба да се искористи, зашто младите вардарци (тука е топтан цел сениорски погон што го има Васоски на располагање) покажаа дека имаат потенцијал и карактер, а тоа треба да биде темел што потоа ќе се надоградува со секој талент што ќе излегува од школата и ќе влегува во првиот тим. А, Вардар настрана Адем, Ибиши, Серафимов, Младеновски има потенцијал во во многу перспективни и талентирани (не)полнолетни момчиња како Бојан Димовски, Леонид Игњатов, Давид Велковски..., кои веќе добија минутажа на сениорско ниво.

Вардар деновиве очекува дека можеби казната за трансфери ќе му биде укината, па зимава ќе може да се освежи со неколку фудбалери, патем и да ја зголеми конкуренцијата, за да тргне во пролетната офанзива за шампионската круна. Но, над сè прво управата треба да си ја „заврши домашната задача“ за актуелниот погон, пред да влезе во проектот – надоградба на есенскиот првак. Да не остане само на – ќе биде, стрпете се!