Вардар во Маџари, Работнички во Ѓорче - прекрстете си го стадионот во „Турбо Фолк Арена“!

Не можеме да навлегуваме во причините поради кои Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката (популарно наречено ПУИГ) неколкукратно ги зголеми цените за користење на Арената „Филип Втори“, но по сето ова може слободно да се констатира дека популарниот Градски во иднина ќе биде сосема нерентабилен.

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Пред извесно време Работнички, а од денеска и Вардар, соопштија дека нема да играат на „Филип Втори“, одлука која веројатно е донесена како последица на новоит ценовник. Романтичарите веќе неколку средби играат во Ѓорче, а црвено-црните заминуваат на „гурбет“ на стадионот во скопската населба Маџари

Додуша, со новите цени на ПУИГ, тоа е и нормална реакција, зашто ретко кој може да плати 3.000 евра за дневен, а двојно повеќе за ноќен термин за првенствените и Куп натпреварите. За европските и да не правиме муабет, ама тука „Филип Втори“ е монопол, па мора да се плати - најмалата цена е 11.000 евра за дневен меч (14.000 за ноќен термин) за УЕФА лигата, до 50.000 евра (53.000) ако дај Боже некоја наша екипа се пласира во полуфиналето. За ЛШ цените се троа повисоки - од 12.000 (15.000) до 51.600 (54.600). 

По 1.000 евра дневно (3.000 ноќен термин) ќе треба да се плаќа за атлетски натпревари од домашен ранг, а двојно поскапо е меѓународно натпреварување за истиот спорт. Дополнителни тренинзи што се надвор од пакетот изнесуваат 1.500 евра за дневен и 4.500 за ноќен термин.

По сето ова, се поставува прашањето од што ќе се издржува „Филип Втори“ во иднина? Вардар и Работнички си заминаа, фудбалската репрезентација на Македонија игра во Струмица, а за неа ПУИГ има специјален договор од 2010 година и кој не ѝ се соопштува на јавноста. Атлетичарите веќе почнаа да пиштат - што значи дека на нашиот најголем стадион во иднина ќе може да биде прекрстен во „Арена Цеца“, зашто само такви како српската турбофолкерка ќе имаат корист да го наполнат. Цените и за нив се зголемени (35.000 со 45.000 евра), но гледајќи по минатото - на тие настани лесно се собираат триесетина илјади луѓе желни за таа музика. 

На времето стадионот беше „Градски“, па се преименува во „Филип Втори“, по што пред Суперкупот се ребрендира во „Телеком Арена“. Последните информации се дека Германците се повлекуваат. По сето ова, прекрстете го стадионот во „Турбо Фолк Арена“, најдобро ќе му личи.