Подмладениот состав на Вардар дојде и до третата победа во седмиот меч сезонава во Првата лига, откако како домаќин на стадионот во тренинг-кампот „Петар Милошевски“, лесно и убедливо ја совладаа Беласица (3-1), додека лидерот на табелата, Шкендија дојде до цел плен со погодок само на три минути до крајот.

Тетовци со пресврт ги освоија трите бода на гостувањето кај Пелистер (3-1), со оглед што домаќинот поведе преку Танушев од пенал уште во 5. минута од средбата. Ахмеди изедначи во 23. минута, а победничкиот гол беше дело на Љупчо Дориев во 86. минута, а Бесарт Ибраими од пенал во судиското надополнување го постави конечниот резултат.

Шкендија со оваа победа со 17 бодови се „одлепи“ на врвот од табелата и максимално го искористи киксот на Шкупи, кој загуби на гостувањето кај Струга Трим Лум (0-2). Нијас Лена беше јунакот кај стружани со погодоците во 14. односно 59. минута. Чаирчани сега имаат четири бодови помалку од тетовци, а исто колку и Македонија Ѓорче Петров, која одигра моќно на гостувањето кај Ренова (3-1). Петров во 11., Емини во 41. и Воша во 93 минута беа стрелци на головите за ѓорчепетровци, додека Гавазај во 90. минута го постигна почесниот погодок за составот од Џепчиште.

Вардар веќе во 6. минута преку Мирчевски поведе против сезонава очајната Беласица, а десет минути подоцна Петровиќ зголеми на 2-0. Да Силва намали во 56. минутаи со прекрасен погодок од дваесетина метри, но Петковски во 73. минута стави крај на надежите на струмичани за евентуално изненадување.

Изненадувачки пораз претрпе и Силекс, кој загуби на гости кај Академија Пандев. Стрелец на решавачкиот гол беше Маркоски од пенал во 78. минута.

ТАБЕЛА: Шкендија 17, Шкупи 13, Македонија ЃП 13, Борец 12, Струга ТЛ 11, Силекс 10, Работнички 10, Вардар 10, Пелистер 9, Академија Пандев 6, Ренова 5, Беласица0.