Вардар се засилува со голман, а се надева дека ќе врати уште некој од тие што си заминаа!

Ефремов, кој е поранешен голман на Работнички, Металург, Ренова, Силекс, а беше дел од португалски Фермаликао и бугарска Локомотив Софија доаѓа како слободен играч и ќе биде конкуренција на Филип Илиќ, кој вчера бранеше против Борец на отворањето на новата сезона во Првата лига (0-1).

Поразот од велешани отвори многу дилеми околу капацитетот на тимот склопен во „пет до 12“ откако две третини од ланскиот тим си заминаа од Вардар, но кај црвено-црните и понатаму останува надежта дека некои фудбалери кои си заминаа до крајот на месецов би можеле повторно да се вратат и да играат до декември, откако во моментов не успеале да најдат клуб. Пред сè, Марио Младеновски, репрезентативниот стопер, Али Адем, фудбалерот за врска, како и искусниот Владица Брдаровски.

„Вратата на Вардар е отворена за сите“, рече Александар Васоски, тренерот на вардарци.

Црвено-црните лошо стартуваа и практично без шанса, со еден опасен шут против Борец, вчера загубија во првиот меч, но тренерот на Вардар бара трпение за да се склопат коцките после само неполни две недели заедно.

„Не може да чекаме чудо со осум дена тренинзи и со тим во кој има многу младинци. За подготовка на ваква екипа е потребно многу повеќе време. Лани, ние имавме млад состав, имавме многу младинци, ама имавме сериозни подготовки во Анталија... Сега тоа го немаме, но јас сум оптимист дека брзо ќе се вратиме на вистинскиот колосек, иако треба сите да знаат дека воведниве мечеви можеби резултатите нема да се на посакуваното ново“, посочува Васоски

Црвено-црните имаат време до паузата поради репрезентативните обврски да се консолидираат, а вчерашниот меч покажа дека на тимот му се неопходни уште неколку засилувања, но јасно е дека со ограничениот буџет е (пре)тешко да се најдат играчи.

„За нас Бојан Најденов е џек-пот и очекувам наскоро тој да се врати во препознатливата форма и да биде одличен тандем со Мицевски. Очекувам и се надевам дека Мицевски, Филип Најдовски, Попзлатанов, Матеј Цветановски ќе останат, иако во оваа ситуација без оглед што се под договори, може да заминат ако имаат конкретна понуда. Тешко е да се најдат засилувања, но очекувам до паузата да се консолидираме. Но, јас сум благодарен на управата што успеа да овозможи и ваков буџет, знам колку се трудеа за да направат нешто“, додава Васоски.

Дејан Блажевски, Филип Петковски, Стефан Лазаревиќ, Бојан Најденов и Виктор Велкоски досега се засилувањата на црвено-црните.