Вардар оди во Ѓорче да ја прекине серијата порази

Со градското дерби меѓу Македонија ЃП и Вардар, денеска почнува 17. коло од Првата македонска фудбалска лига.

За разлика од пред две децении кога овие дуели одлучуваа за шампионската титула, сега тоа е меч на деветто и последнопласираната екипа на табелата, односно пресметка за опстанок во елитната конкуренција. Вардар оди во Ѓорче Петров за да ја прекине серијата порази бидејќи ги загуби последните четири меча во Првата лига и со 11 бода е закован на последната позиција.

Домаќините се релативно сигурни на домашен терен оваа сезона имајќи предвид дека четири од петте победи досега остварија на својот стадион каде освоија 14 од вкупно 18 бода. Вардар како гостин забележа само еден триумф, но и тој повеќе беше на неутрален терен, во дуел со Работнички.

Македонија ЃП е една од само трите екипи во првенството против кои Вардар славеше во годинашниот шампионат, совладувајќи ја со 2-1 на мечот што се одигра на 2 септември. Во меѓувреме ги победи уште Работнички и АП Брера, но тоа е малку за да фати приклучок во борбата за опстанок.

Останатите пет натпревари од 17. коло се играат утре, а дербито е на Чаир каде Шкупи ја пречекува Шкендија.