Вардар не победи, ама ја зголеми предноста пред Пандевци и Шкендија

Најтрофејниот македонски клуб Вардар пропушти голема шанса да стигне до есенската круна на две кола пред крајот на полусезоната, откако денеска прими гол на четири минути пред крајот на гостувањето во Кратово во ремито со Силекс (2-2), но за бод ја зголеми предноста пред Академија Пандев и Шкендија, кои во ова вонредно 16-то коло загубија на своите гостувања кај Шкупи на Чаир (1-2) односно во Струга (1-2).

Црвено-црните дојдоа на чекор до есенската круна, но останува жал за пропуштената шанса да се одлепат и да го заверат првото место во оваа полусезона, зашто и со играл помалку успеаа да стигнат до водство преку Матеј Цветановски во 72-та минута, но не издржаа до крај. Кристијан Костовски во 86-та минута избори бод за Силекс, после една акција во која вардарци лошо затворија и дозволија да примат гол во спектакуларен меч, во кој во завршницата и Силекс, а и Вардар имаа шанса и за победа. Никола Серафмов спаси чист гол со лизгачки пад, а во контрата лошо одигра Владица Брдаровски кога можеше сам пред Божиновски да донесе голем триумф.

Силекс поведе по грешка на Филип Гачевски во 12-та минута, а потоа вардаровиот голман двапати чудесно го одбрани голот, откако Кристијан Тошевски во 49-та и Цветановски направија пресврт, но „единицата“ не можеше да спаси гол кон крајот, по што следуваше луда завршница, но без гол во една од двете мрежи.

Академија Пандев имаше по седум минути водство преку Марко Рајковиќ, но Шкупи во завршните 25 минути направи комплетен пресврт на радост и на вардарци со головите на Сержињо, Дембо и Јусуфи. Валентин Кочоски и Нијаз Лена постигнаа два гола за пресврт во Струга каде Струга Трим Лум го сопна залетаниот првак Шкендија, која имаше водство преку Жуниор по првото полувреме.

Вардар сега го очекуваат двете дербија со Академија Пандев в недела во Струмица, а после со Шкендија на 8 декември во Скопје, па на црвено-црните им треба бод за еденска круна, но ќе мора да се потрудат со победи да излезат од кризата која веќе ги зафати со три меча без победа, со цел да заминат на одмор со уште поголема предност.

Дејан Блажевски во 90-та минута ја спаси Македонија ЃП од пораз во Тетово за реми со Ренова (1-1), во меч со најмалку голови во ова коло. Работнички конечно победи и се приближи до ривалите за опстанок, но останаа последни во лигата со триуфот со 2-1 против Борец, кој и на осмото гостување ја запиша осмата нула.

ПРВА ЛИГА, 16. КОЛО

Силекс – Вардар 2-2 (1-0)

Гроздановски 13, Костовски 86 – Тошевски 49, Цветановски 72

Работнички – Борец 2-1 (1-0)

Тошевски 37, Велкоски 60 – Прелчец 62 п.

Шкупи – Академија Пандев 3-1 (0-1)

Сержињо 67, Дембо 78, Јусуфи 93 - Рајковиќ 7

Ренова – Македонија ЃП 1-1 (0-0)

Селмани 54 – Блажевски 90

Струга Трим Лум – Шкендија 2-1 (0-1)

Кочоски 54, Лена 65 - Жуниор 37

ТАБЕЛА: Вардар 32 бод, А. Пандев 27, Шкендија 24, Силекс 23, Шкупи 22, Македонија ЃП 22, Струга ТЛ 22, Борец 16, Ренова 16, Работнички 14.