Вардар го назначи четвртиот тренер сезонава: По седум години, Седлоски се враќа на клупата на „црвено-црните“!

Поранешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација Гоце Седлоски е наследникот на Срѓан Захариевски на клупата на Вардар и четврти предводник на „црвено-црните“ оваа сезона.

Тој се враќа во најтрофејниот македонски клуб по пауза од седум години откако во периодот од 2015 до 2017 беше на клупата на Вардар и со него освои две шампионски титули. Претходно беше и спортски директор во клубот, а по заминувањето, ги водеше Рига, Широки Бријег, вториот тим на Динамо Загреб, Шкупи, Влазнија и Работнички. Најголемите успеси му останаа оние со Вардар со кого играше и во квалификациите за Лигата на шампионите.

Седлоски го презема Вардар во момент кога тимот е на последната позиција на табелата и ќе треба да го спаси од испаѓање од елитната конкуренција. Второто „деби“ ќе го има претстојниот викенд против својот поранешен тим Шкупи, а до крајот на „есенскиот“ дел има уште пет кола.

Оваа сезона Вардар ја почна со Горазд Михаилов на клупата, по него краток период екипата ја водеше Горан Петрески, а до пред два дена, шеф на стручниот штаб беше Захариевски.