Турскиот газда на Гостивар се повлече - поради национализам!?

Тешка криза завладеа во фудбалски Гостивар, откако спонзорот на екипата, која имаше амбиции да влезе во Првата лига, реши да се откаже од спонзорство на клубот.

Иако прексиноќа, по низата небулозни и збунувачки постови на официјалната страница на Гостивар на Фејсбук, објавивме дека може профилот е хакиран, па некој објавува невистини, сепак вистината е дека турскиот инвеститор заминал поради верувале или не - национализам.

Првиот човек не можел да верува дека се случува бура од навреди под секоја објава на социјалните мрежи и тоа поради фактот што тие оделе тројазични - на македонски, албански и на турски јазик.

Откако увидел дека во градот нашироко меѓу приврзаниците на клубот е раширен национализмот, турскиот газда решил да се повлече, тренерот си заминал, а најново е дека Гостивар може и нема да игра со Беса в сабота. Гостиварци, заедно со Вардар беа најголеми фаворити за влез во Првата лига, но сега таа улога ја имаат само црвено-црните.

Има срамежливи најави дека општината ќе застане зад клубот, но и да се случи тоа, обемот на инвестиции би бил далеку од досегашниот, па секако неминовно е заминувањето на голем дел од фудбалерите кои летово потпишаа за клубот.