Тројцата најдобри судии ќе делат правда во недела на Вардар – Шкендија

Големото дерби за титула, второ сезонава, помеѓу Вардар и Шкендија закажано за в недела од 13 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ ќе го судат тројцата најдобри македонски судии, откако ФФМ ги делегираше арбитрите што треба да делат правда на големото дерби.

Александар Ставрев ќе биде главен судија на кого ќе му помагаат Марјан Кировски и Дејан Костадинов, а како дополнителни судии зад головите ќе бидат Димитар Мечкаровски и Дејан Јакимовски. Сите овие на Националната Арена се очекува праведно и еднакво судење за двете екипи, сооглед дека станува збор за пресметка која може да биде клучна во трката за шампионската круна.

Вардар ја пречекува Шкендија со осум бода предност и триумф на најтрофејниот наш клуб ќе значи огромни 11 бода со кои ќе замине на зимска пауза и ќе ја стартува пролетната офанзива за круната во средина на февруари. Триумф за Шкендија би значело намалување на разликата на прифатливи пет бода, но и најава за суперинтересна пролет, додека реми ќе г остави на оваа дистанца во која сега се двата наши најдобри клубови, а веројатно многу посреќни би биле вардарци.

Со последното 18-то коло се спушта завесата на овој есенски дел од шампионатот, а покрај дербито за титула, на програмата се уште четири меча. В сабота од 13 часот во Кратово ќе играат Силекс и Академија Пандев, а ќе суди Константин Влахо. Во Тетово на пресметката Ренова – Работнички, кое е дерби за дното е делегиран Албрим Шаќири, во Струга на мечот Струга Трим Лум – Борец ќе свири Игор Стојчевски, додека на Чаир во малата скопска пресметка Шкупи – Македонија ЃП на центраот ќе биде Јосип Бартон.