Тешки и незгодни гостувања за водечките, ќе победи ли конечно Работнички?

Трите првопласирани прволигаши, лидерот Вардар, ку-п-победникот Академија Пандев и шампионот Шкендија денеска (13 часот) ќе имаат тешки и незгодни гостувања во вонредното 16-то коло од Првата лига, во кои ќе треба да бидат на ниво и да одиграат максимално за да освојат нови бодови во трката за есенската круна.

Трите тима одат на мегдан кај екипи кои досега во сезонава покажаа дека се и тоа како незгодни на своите терени, а Вардар во ова коло влегува со четири бода пред Академија Пандев, а само седум пред Шкендија, иако пред само две кола имаа неверојатно убедливи плус 12.

Најтрофејниот наш клуб оди во Кратово кај традиционално незгодниот Силекс, кој од седум домашни мечеви има дури шест победи, а црвено-црните многу мака гледале на гостувањата во Источна Макеоднија, зашто никогаш не биле убедливи против својот поранешен голем ривал. Силекс последен пат ги победи во мај годинава во завршницата од ланската сезона, а Вардар има пет победи од седумте меча во Кратово, но последните откако се распадна шампионскиот состав се победи кога нема да примат гол (1-0, 2-0). Проблем за вардарци е што денеска ќе ги немаат двајцата дефанзивни фудбалери за врска Филип Најдовски (иако во последно време ира како стопер) и Али Адем, па оваа дупка ќе треба сериозно да се закрпи за да остане стабилноста на тимот во фаза на одбрана.

Шкендија оди на мегдан во Струга, која има 14 од 19-те бода освоени досега, а на последниот домашен терен го урнаа Вардар со триумфот со 2-1, иако доста контроверзен поради низата превиди на судиската тројка. Дали Стружани имаат сила да ја сопрат залетаната Шкендија е прашање кое денека ќе го одговорат, но јасно е дека тетовци фатија залет и форма во завршницата, а посебно се полни со самодоверба по убедливите 6-1 со радскиот ривал Ренова.

Академија Пандев оди на Чаир кај Шкупи, кој веќе четири меча по ред има само ремија, а ако сака да остане во трката за Европа и да не заостанува ќе мора да се потруди да победи. Пандевци остануваат без првото име Љупчо Дориев, но како трет најдобар тим на гостувањата (девет бода) и тоа како ќе се обидат да го освојат Чаир и да останат во трка за есенската круна со Вардар, особено што в недела ги дочекуваат во Струмица црвено-црните.

Во останатите два меча, Ренова ќе се обиде да излезе од дното на домашен терен со Македонија ЃП, а „гипсарите“ веќе пет меча се во длабока криза и сега поразот со 1-6 од Шкендија психолошки ги дотепа, што може да биде предност за „лавовите“, иако тие не се брилјантни, но успеаа да излезат од таква криза (седум меча без триумф) со победата во саботата против Работнички.

Поранешниот шампион Работнички веќе неколку кола е закован на дното, како прв кандидат за испаѓање, а денеска во „дерби за опстанок“ го пречекува Борец и ова е златна шанса за „дебармаалци“ да излезат од кризата. Ако не успеат да го победат ни велешкиот прволигаш, кој нема освоено бод на гостувањата, тогаш „романтичарите“ навистина се печени за второлигашко друштво. Иако Работнички игра дома, па и е фаворит, нема сомнение дека Борец ќе се обиде да ја прекине својата црна гостинска традиција, исто како што Работнички посакува да ја прекине актуелната серија на неуспеси и без победа поради која заглави на мизерни 11 бода по 15 кола.

По ова денешно вонредно коло остануваат уште две до крајот на есенската полусезона, а шагот е на 8 декември со мегапресметката Вардар – Шкендија на Националната Арена „Тодор Проески“.

ПРВА ЛИГА, 16. КОЛО (13 ЧАСОТ)

КРАТОВО: Силекс - Вардар

АРЕНА: Работнички – Борец

ЧАИР: Шкупи – Академија Пандев

ТЕТОВО: Ренова – Македонија ЃП

СТРУГА: Струга Трим Лум – Шкендија

ТАБЕЛА: Вардар31 бод, А. Пандев 27, Шкендија 24, Силекс 22, Македонија ЃП 21, Шкупи 19, Струга ТЛ 19, Борец 16, Ренова 15, Работнички 11