
Сумата за која Фелипе се враќа во Вардар е - запрепастувачка!
Последниве 18 месеци во Вардар финансиската состојба е променлива, но крајниот заклучеок е дека на крајот сите си ги добиваат парите. Но зачудува фактот што откако клубот беше на раб на пропаст и пред двегодишна суспензија од УЕФА, сега во првата недела од февруари, се ангажираат играчи со цел да се засили лошиот ростер кој го имаат црвено-црните, а богами се трошат големи пари и за да се врати Хуан Фелипе, миленикот на вардаровите навивачи.
Бразилецот од клубот си замина на многу нефер начин, среде пролетниот дел од ланската сезона, во време кога Вардар ги исплати дологовите што ги имаше дотогаш. Но, Фелипе реши да си ја побара среќата во казахстански Каират, каде што воопшто не се прослави. Иако таму замина за огромна сума на пари (се шпекулираше со сума од 900.000 евра за три сезони), по само осум месеци реши да се врати во Скопје. И информациите се дека сумата за која тој се враќа во Вардар е - огромна!
Како што неофицијално дознаваме, Фелипе за четири ипол месечниот ангажман во црвено-црниот клуб ќе добие 80.000 евра, сума која е огромна за македонски услови, дури и ако станува за странец кој доаѓа од најфудбалската земја на светот. Згора на овие пари, тој во договор има и клаузула од дополнителни 20.000 евра ако Вардар ја освои титулата.
Не се знае колкави се сумите на останатите засилувања на Вардар - нашите Аврамовски и Колевски како и Бразилецот Родригез кој дојде од Македонија ЃП, но останува прашањето дали плаќањето на толку многу пари за Фелипе е само навестување дека Вардар излегува од кризата и дека од лето повторно ќе се прави екстра шампоионски филм со големи европски амбиции или само хир на сопственикот Самсоненко во Скопје да го врати миленикот на навивачите, со цел да го стивне незадоволството кај армијата симпатизери што го има овој клуб. Или пак не се жалело пари во трката со Шкендија која и тоа како го сакаше Фелипе во своите редови, а му понуди повеќегодишен договор со бајаги голема сума на пари, но не толку висока како оваа што Бразилецот ја доби од старо-новиот клуб.
Според најавите, Фелипе на Вардар треба да му се приклучи утре (недела) и ќе има само седум дена да му се стави на располагање на тренерот Александар Васоски пред првиот меч од зимскиот период - дербито со Шкендија во Тетово идниот викенд.