Струга го сопре Вардар по серијата од 12 меча без пораз!

Актуелниот лидер во Првата лига, Вардар после 12 меча без пораз загуби денеска со 1-2 на незгодното гостување во Струга, која успеа да ги спушти на земја залетаните црвено-црни после извонредната серија досега, после денешното 14-то коло во домашната елита, во кое Академија Пандев само за бод ја намали предноста на црвено-црните, сега на четири заостаток зад најтрофејниот клуб.

После поразот уште на самиот старт во првото коло сезонава од Македонија ЃП, Вардар имаше скоро четиримесечна серија која заврши на охридското крајбрежје, а стружани брутално ги казнија вардаровите промашувања со два гола во првиот дел од две шанси.

Поинаква ќе беше приказната можеби на мечот ако Јован Попзлатанов и Дарко Мицевски реализираа една од двете одлични шанси за Вардар при 0-0, но кога ги промашија поранешниот вардарецХристијан Кировски ги казни на средина од првиот дел, а Арбен Тафе од корнер во првата минута од судиското надополнување го дуплираше водството, за втора казна после шансата на првата ѕвезда на Вардар, Даниел Аврамовски, кој по вториот корнер на мечот немаше среќа и ја погоди пречката.

Во пресметката која донесе и многу нервози и жестоки реакции на тренерот Александар Васоски (исклучен на полувремето) кон судијата Васко Мавров и низа сомнително досудени офсајди, осовено тој во првиот делна Матеј Цветановски кој беше во шанса за гол, Вардар во второто полувреме се обиде да нападне, но далеку постерилни беа нападите со само еден сериозен удар на Филип Најдовски, кој гомашниот голман со крајни маки го одбрани. И кога сè изгледаше дека Струга сигурно ќе ги освои бодовите, 12 минути пред крајот од „никаде“, Жуниор изнуди пенал, а Дарко Мицевски погоди за да донесе десетминутна возбуда и битка барем за бод на вардарци. Сепак, Струга успеа да се одбрани и да ги спречи сите напади на Вардар да стигне до израмнување за да се израдува на триумф против актуелниот лидер со што се искачи при самиот врв на табелата.

Второпласираната Академија Пандев не успеа да го искористи киксот на Вардар за да му се приближи на два бода на Вардар, па иако имаше предност во Тетово кај Ренова уште од осмата минута. Ренова не дозволи пораз и успеа на 15 минути пред крајот да се избори за бод од пресметката со стружани. Сашко Пандев донесе предност за Академија Пандев, а Илирид Адеми израмни на мечот.

Силекс со гол на Милош Жеравица уште по три минути од мечот донесе огромна победа за Силекс во Кратово со 1-0 против Шкупи, по што кратовци изненадувачки стигнаа до третото место, веднаш зад Вардар и Академија Пандев, што е вистинска сензација, сооглед дека бившиот шампион беше еден од „отпишаните“ сезонава, кој требаше сериозно да се бори за опстанок, а кратовци стигнаа до самиот врв.

Борец и Македонија ЃП ремизираа 1-1 во последниот денешен меч во Велес, по што велешани дома останаа непоразени и во седмиот домашен меч, а за бодот се избори Никола Прелчец со гол во првата минута од судиското надополнување, откако Боби Божиновски донесе водство за „лавовите“ на средина од првиот дел. Со ова продолжи серијата без победа на Македонија ЃП на пет меча, а Борец со бодот останува на исто бодовно салдо при самото дно заедно со Ренова.

Утре Работнички и Шкендија во дербито ќе го затворат ова 14-то коло по што следува двонеделна пауза, пред завршната разврска во оваа есенска полусезона со четирите преостанати мечеви до крајот на месецов и почетокот на декември.

ПРВА ЛИГА, 14. КОЛО

Силекс – Шкупи 1-0 (1-0)

Жеравица 3

Струга Трим Лум – Вардар 2-1 (2-0)

Кировски 25, Тафе 45+1 – Мицевски 79 п.

Ренова – Академија Пандев 1-1 (0-1)

Адеми 74 - Пандев 8

Борец – Македонија ЃП 1-1 (1-1)

Прелчец 45+1 – Божиновски 28

УТРЕ

СКОПЈЕ: Работнички – Шкендија

ТАБЕЛА: Вардар 30 бода, А. Пандев 26, Силекс 21, Шкендија 18 (-1), Шкупи 18, Македонија ЃП 18, Струга ТЛ 18, Ренова 15, Борец 15, Работнички 11 (-1).