Екипата на Струга се врати во игра за третото место на табелата во Првата македонска фудбалска лига откако попладнево го совлада Работнички на Градскиот стадион во Скопје со 1-0.

Со тоа, актуелниот шампион го откажа Работнички од титулата имајќи предвид дека по денешните натпревари, негативата во однос на Шкендија изнесува 10 бода, на шест кола пред крајот. Голот за победа на стружани го постигна Укпа во 54. минута, па оваа екипа сега има 45 бода.

Исклучително интересно беше на дуелот меѓу Вардар и Тиквеш во Скопје. Натпреварот заврши без победник (2-2), а малку недостасуваше најтрофејниот тим во земјава да го доживее првиот пораз по пауза од два месеца. До почетокот на судиското продолжение, кавадарчани водеа со 2-1, резултат кој ги носеше надвор од зоната за испаѓање, но не го издржаа последниот налет на домашниот тим. Всушност, двата гола Вардар ги постигна во судиските продолженија, од првото и второто полувреме, а Тиквеш два пати беше во водство. Садик го отвори резултатот во 41. минута за Закариќ да израмни непосредно пред последниот свиреж во првиот дел. Мишов повторно ги доведе гостите во водство за Сенгор да ги постави конечните 2-2 и да ја продолжи серијата без пораз на Вардар во домашното првенство.

Од останатите натпревари, водечките екипи Шкендија и Силекс остварија убедливи победи, а до третото место се доближи и Гостивар кој го совлада Шкупи.

РЕЗУЛТАТИ
Гостивар - Шкупи 3-1
Пелистер - АП Брера 1-2
Работнички - Струга 0-1
Шкендија - Воска 4-0
Силекс - Беса 5-0
Вардар - Тиквеш 2-2

ТАБЕЛА
Шкендија 59 бода, Силекс 55, Работнички 49, Гостивар 47, Струга 45, Шкупи 33, Вардар 29, Пелистер 29, АП Брера 24, Беса 24, Тиквеш 23, Воска 22.